СВЕТСКАТА КОШАРКА ВО 2023: Германија, МВП Јокиќ, лукавиот Серхио Љуљ…

Кошаркарската 2023 година го донесе највозбудливото натпреварување во овој спорт – светскиот собир кој овој пат се одржа во Индонезија, Филипини и Јапонија, а имаше исклучително интересна завршница во која Германија го освои вториот медал во својата историја, за прв пат златниот.

Германците во големото финале беа подобри од Србите кои пак и покрај тоа што не настапија со огромен број на кошаркари како НБА и евролигашките ѕвезди Никола Јокиќ, Василије Мициќ, Никола Калиниќ… сплотено стигнаа до последниот ден од Светското првенство, но налетаа на мотивиран противник чиј успех, доколку се земат во обѕир околностите и вложувањата воопшто не е случаен.

Србија сепак се радуваше на златен медал. Доминацијата на „Орлите“ продолжи во „3 на 3“ натпреварувањето каде на Светското првенство кое се одржа во Виена во големото финале беше совладана репрезентацијата на Соединетите американски држави за шестти златен медал во историјата на ова натпреварување.

Без Србин не помина ниту големото финале во НБА лигата. Откако беше „ограбен“ за наградата за најкорисен играч на регуларниот дел од сезоната, Никола Јокиќ ја потврди својата доминација во плеј-офот каде го предводеше Денвер Нагетс до историски трофеј во најсилното кошаркарско натпреварување со МВП издание кое овој пат не можеше да не заврши во неговите раце.

Интересно беше и на европскиот фронт каде „ветеранскиот“ Реал Мадрид ретко кој го виде како шампион. „Кралевите“ беа на прагот на елиминација во четвртфиналната серија против Партизан со негатива од 2-0 пред гостувањата во Белград, но лукавоста на „старата генерација“ предводена од Серхио Љуљ со само еден потег донесе целосен пресврт.

А, овој 36-годишник кој со златни букви ќе биде забележан во историјата на европската кошарка само ја потврди својата класа постигнувајќи ги клучните поени за Реал Мадрид во финалето против Олимпијакос. Интересно, тоа беа први поени од вториот обид во големото финале.

Партизан на крајот мораше да се задоволи само со трофејот во АБА лигата каде ја прекина речиси децениската доминација на Црвена Звезда во „мајсторка“ во преполната „Штарк арена“.

Се вчитува...