Секоја нова календарска година кога станува збор за македонската кошарка ја дочекуваме со истата желба – време е да тргне на подобро – и крајот на секој декември го дочекуваме подеднакво разочарани – затоа што она што сме го посакале не ни се исполнило. Напротив, наместо „колата“ наречена мак-баскет да почне да се движи нагоре, таа продолжува да тоне како во жив песок.
Да почнеме од почеток, 2025 ја почнавме со иницијатива на КК Пелистер за конечно да се почитуваат пропозициите и кошаркарските мечеви да се играат во затоплени сали. Да, во 2025 година тоа ни беше чекорот напред во кошаката – топли сали. Но и тоа успеавме да го „поништиме“, па на крајот на декември, последниот куп-меч меѓу Маџари и Гостивар се одигра на „минус температура“, пред „замрзнати“ стотина гледачи на трибините. Во СРЦ „Кале“, салата со која раководи федерацијата, која неколку дена претходно ја прогласи за несигурна, но сепак реши да го одложи затворањето.
Видовме и промена во федерацијата, „нема полош од Антиќ“, гласеше ставот на оние кои бараа промени. И ги добија, но големо мнозинство од истите тие делегати само неколку месеци резигнирано тивко признава: Перо, врати се!
Зошто, затоа што сите ветувања за подобро утре беа променети со: Нема пари, мора да се штеди!

МЗТ Скопје беше клуб број 1 и во 2025 година. Којзнае којпат по ред, апсолутно заслужено, нова двојна круна за „металците“. И повторно најдобри двајца играчи во лигата ни се браќата Стојановски. Секоја чест за 38-годишните Војдан и Дамјан, наградите им се апсолутно заслужени, но оние помладите дефинитивно треба да се замислат…
АБА1 останува мисловна именка за нашите клубови, Пелистер реши да направи чекор напред и се пријави во ЛШ, играше во групната фаза од ФИБА Европа купот, но со една победа и пет порази само ја потврди констатацијата – каде се наоѓа македонската кошарка на европската мапа.
Репрезентацијата ни заврши последна во квалификациската група со Романија и Унгарија, па го допревме дното – и сега мораме да играме претквалификации за ЕП со Азербејџан, Луксембург… И да се радуваме колку е голема победата над Ирска на „жешкиот терен“ во Даблин.
И затоа, да посакаме многу поубави кошаркарски моменти во 2026 година. Нека биде многу подобра од 2025. Па полошо од ова не може… Уффф, така рековме и лани, па сега….
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

