Кошмар: Алиоски со Ал Ахли испадна од Првата лига

Езгијан Алиоски требаше да биде адут на Ал Ахли за напад на титулата во Саудиска Арабија кога македонскиот ас од бројните понуди по заминувањето од Лидс ја избра токму онаа на богатиот арапски клуб. Десетина месеци подоцна, кошмарот е комплетен – откако Ал Ахли испадна од елитното друштво, освојувајќи го претпоследното место на табелата.

Алиоски и соиграчите ремизираа 0-0 во последното коло на гостински терен против Ал Шабаб, исход што беше недоволен за да се побегне од опасната зона. Ал Ахли на 30-те одиграни натпревари забележа само шест победи, со 14 реми и 10 порази, недоволно за да се избегне најцрното сценарио.

Македонецот не го криеше разочарувањето по последниот судиски свиреж по дуелот со Ал Шабаб, натпревар што речиси сигурно беше последен за Алиоски во дресот на Ал Ахли. По испаѓањето на овој тим од елитното друштво, Алиоски летово повторно ќе ги смени клупските бои, а во пол-позиција во трката за негов потпис е новиот турски шампион Трабзонспор.

Се вчитува...