Марко Митев го очекува долга пауза од ракометните терени по повредата што одличниот бек ја заработи на вториот дуел од квалификацискиот двомеч со Словенија што беше одигран во Копер.
Митев настрада при еден обид за полуконтра во првото полувреме и веднаш стана јасно дека проблемот е сериозен, откако македонскиот суперталент на носилки беше изнесен од теренот. Првичните прегледи ги потврдија стравувањата дека е проблем со коленото, а по враќањето назад во Македонија беше утврдено дека проблемот со лигаментите е сериозен.
Она што е сигурно е дека Митев нема да може да се врати на терените до крајот на оваа сезона, што е проблем за РК Алкалоид пред почетокот на плејофот, но и за македонската репрезентација ако се знае дека еден од клучните играчи нема да може да настапи на завршните две средби од квалификацииите против селекциите на Естонија и на Литванија.
Останува да се види дали тешката повреда ќе остави трага врз плановите за иднината на Митев, ако се знае дека неколку врвни германски клубови се интересираа за трансфер на Македонецот, беа подготвени да платат и отштета на Алкалоид, но сега и тие планови многу лесно би можеле да паднат во вода…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА