Кошмар за Барса: Крај на сезоната за Балде

Барселона беше елиминирана од Копа дел реј, но уште поголем проблем за тренерот Чави е тешката повреда што ја заработи левиот бек Алехандро Балде, пред кого сега е долга пауза од фудбалските терени.

Деталните прегледи покажале дека станува збор за повреда на бицепсот на десната нога, но иако вообичаено при повреди на мускулите паузата не е подолга од два месеци, овојпат ситуацијата е многу посериозна. Балде ќе мора да замине на хируршки зафат, по што ќе претстои пауза од најмалку четири месеци, што би значело дека за офанзивниот лев бек оваа сезона предвреме е завршена.

Ова е втор огромен проблем за Чави кој претходно остана без шпанскиот плејмејкер Гави, кој се повреди при настап за „црвената фурија“. За главоболката да е уште поголема, ветеранот Алонсо, кој важеше за резерва на Балде на позицијата лев бек, неодамна беше опериран по повредата на грбот и уште најмалку еден месец ќе биде надвор од терените.

Во една таква ситуација, за очекување е Кансело да биде прекомандуван од десната на левата страна, а Кунде да настапува како десен бек до крајот на сезонава.

Се вчитува...