Кошмар за Барса: Најдобриот дефанзивец е „во аут“ до декември

Барселона ќе мора да се снаоѓа во првиот дел од натпреварувачката сезона без помошта на најдобриот дефанзивец Роланд Араухо, откако беше утврдено дека повредата заработена за време на Копа Америка е од многу посериозен карактер во однос на првичните лекарски прогнози.

Уругваецот се пожали на повреда за време на четвртфиналниот дуел со Бразил, по што мораше да биде заменет, а првите информации велеа дека тој ќе може да се врати на терените најдоцна до почетокот на септември. Араухо денеска пристигна назад во Барселона, каде деталните орегледи покажаа многу посериозен проблем. Точната дијагноза засега не е обелоденета, но каталонците објавија дека Араухо ќе мора да биде експресно опериран, а неговиот камбек се очекува најрано во месец декември, со големи шанси тој да биде „во аут“ до крајот на оваа календарска година.

Барса има и поинаков проблем, па сега планира да ја стопира продажбата на Данецот Кристенсен, кој требаше да си замине за да биде обезбеден буџет за нови засилувања. Со новиот развој на настаните, Кристенсен ќе мора да остане и да биде првотимец кај тренерот Флик, а ќе мора да се најде друг фудбалер од актуелниот играчки кадар кој би бил „жртвуван“ во текот на летниот преоден рок.

Се вчитува...