Барселона се задржа на врвот на табелата на едно коло до крајот на лигашкиот дел од Евролигата откако каталонскиот гигант вечерва славеше на тешкото гостување против Фенербахче. Турскиот гигант го обезбеди учеството во четвртфиналето, но проблем за Кокошков претставуваат повредите на Весели и на Де Коло, за кои во следните денови ќе биде јасно дали и колку ќе можат да помогнат во четвртфиналето од елитното европско натпреварување. Весели поради болка во скочниот зглоб мораше да биде заменет во првото полувреме, додека Де Коло беше повлечен во последната четвртина, откако доби незгоден удар во пределот на коленото.
Најефикасни во редовите на Барселона беа Курич со 16 поени и Дејвис со дабл-дабл од 13 поени и 10 скокови, додека прв стрелец на Фенер при денешниот пораз беше Гудуриќ со 19 постигнати поени.
ЦСКА Москва по Зенит вечерва совлада уште еден руски ривал, декласирајќи го на домашен терен Химки со убедливи 97-72. Убедливата предност му овозможи на Итудис во завршните петнаесетина минути да им даде шанса на играчите кои ретко влегуваат во игра, а триумфот воопшто не беше доведен во прашање. Лундберг и Фоигтман со по 16 поени беа најефикасни кај ЦСКА, додека центарот Мајкл Ерик реализираше 14 поени.
Валенсија стигна до значајна победа на гостувањето против Алба (76-80), резултат со кој шпанскиот тим остана во игра за пласман во четвртфиналето. Германците имаат за што да жалат бидејќи водеа од првата до 39. минута, но потклекнаа кога беше најважно, па Валенсија успеа да стигне до победата. Клемен Препелич ги предводеше стрелците со 24 поени за Валенсија, додека Никола Калиниќ постигна 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА