Кошмар за Грузија – најдобриот кошаркар се повреди на седум дена пред Евробаскет

Грузија се соочи со огромен проблем во пресрет на европскиот шампионат што ќе стартува на 1 септември откако најдобриот кошаркар на оваа репрезентација, Торнике Шенгелија, заработи незгодна повреда на рамото на денешниот квалификациски дуел за СП против Холандија.

Кобниот момент се случи во третата четвртина, Шенгелија трчаше во транзиција кога се лизна и падна на десното рамо. Веднаш стана јасно дека проблемот е сериозен, Шенгелија во болка го напушти теренот и повеќе не се врати во игра. До моментот на повредата тој беше најдобар поединец во дресот на Грузија со 20 постигнати поени (8/11 шут од поле).

Се очекува крилниот центар да го пропушти квалификацискиот дуел со Италија закажан за 27 август, а деталните лекарски прегледи ќе покажат дали има шанса Шенгелија да се рехабилитира навреме за настап на претстојниот европски шампионат.

Грузија ќе биде домаќин на групата А во Тбилиси, каде за противници ќе ги има селекциите на Шпанија, Турција, Црна Гора, Бугарија и Белгија.

Се вчитува...