Манчестер Јунајтед славеше на пријателскиот меч со Бетис (3-2) одигран во Сан Диего, но дуелот остана во сенка на лошата вест што беше објавена непосредно пред почетокот, дека повредата на Лени Јоро е многу сериозна и францускиот интернационалец ќе паузира најмалку три месеци.
Засилувањето што беше платено 52 милиони фунти се повреди на пријателскиот меч со Арсенал, во текот на вчерашниот ден беше објавено видео како оди со штаки, за доцна синоќа Јунајтед да потврди дека повредата на стапалото е сериозна и тој ќе паузира најмалку до почетокот на октомври.
Згора на тоа, незгодна повреда на истиот натпревар заработи и напаѓачот Расмус Хојлунд. Данскиот голгетер има проблем со мускулот на ногата поради што му е препорачано мирување од околу шест седмици. Ова значи дека Хојлунд не само што ќе го пропушти стартот на сезоната, туку и големото дерби со Ливерпул закажано за 1 септември, а неговиот камбек во тимот на Јунајтед се очекува по септемвриската репрезентативна пауза.
Згора на тоа, на денешниот дуел со Бетис се повреди и Маркус Рашфорд кој мораше да биде заменет, а лекарските прегледи ќе треба да покажат колку ќе изнесува паузата на англискиот напаѓач.
Се очекува по повредата на Јоро „црвените ѓаволи“ да се активираат на пазарот и да се вратат на преговарачка маса со Баерн Минхен со нов обид за да го ангажираат Матијс де Лихт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА