Пол Погба би можел да отсуствува од фудбалските терени најмалку до крајот на оваа календарска година откако беше утврдено дека повредата што големото засилување на Јувентус ја заработи минатата седмица е од посериозен карактер. Погба се пожали на болка во коленото и предвреме го заврши тренингот на екипата пред неколку дена, а првите прегледи покажаа дека станува збор за проблем со медијалните лигаменти.
Првиот план беше Погба да биде веднаш опериран во клиника во САД, но деталните прегледи пред хируршкиот зафат покажале сомнеж околу точноста на првата дијагноза. Како што јавува тиражниот весник „Газета дело спорт“, се стравува дека повредата е многу посериозна и дека ќе мора да биде извршена потешка операција.
Поради ова, Погба веќе се спакува и го напушти тренинг-кампот на Јувентус во САД, враќајќи се во Европа. Се очекува во наредните денови да бидат извршени консултации со уште неколку хирурзи, по што ќе следи и официјална информација околу сериозноста на повредата и должината на паузата.
Доколку се реализираат најавите за пауза од најмалку пет месеци, тоа ќе значи и дека Погба нема да може да настапи за Франција на претстојниот фудбалски мундијал во Катар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА