Повредата на Душан Влаховиќ е многу посериозна од првичните прогнози и тренерот Спалети ќе мора подолг период да се снаоѓа без својот најдобар напаѓач во екипата.
Србинот се повреди во првото полувреме од дуелот со Калјари, мораше веднаш да биде заменет, по што се најавуваше пауза до крајот на оваа календарска година. Сепак, деталните прегледи покажаа кинење од повисок степен на повредениот мускул, но и проблем со тетивата, Јувентус најави дополнителни тестови врз голгетерот, но јасно е дека првите прогнози не се розови.
Влаховиќ ќе паузира најмалку три месеци и во најдобар случај би можел да се врати на терените на почетокот од март. Ова е катастрофална вест за „старата дама“ бидејќи не само што ќе го нема Влаховиќ во тимот, туку и пропадна последната можност Србинот да биде продаден во јануари, за да се спречи тој следното лето да си замине без никаква отштета од клубот.
Останува да се види дали „црно-белите“ ќе се активираат на пазарот зимава, со оглед на фактот дека Влаховиќ е најдобар стрелец на тимот, а новите засилувања Опенда и Дејвид засега воопшто не ги оправдаа очекувањата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

