Кошмар за Ливерпул: Италијанецот ги скина лигаментите на супер-дебито за „црвените“

Џовани Леони летово пристигна во Ливерпул од Парма во трансфер вреден 30 милиони евра, младиот 18-годишен Италијанец синоќа го имаше и официјалното деби за „црвените“ на куп-дуелот со Саутемптон, но мечот од соништата се претвори во кошмар откако Леони во второто полувреме заработи тешка повреда.

Италијанскиот дефанзивец беше меѓу најдобрите фудбалери на теренот, импресионирајќи со смиреноста и фудбалската интелигенција, но сите на „Енфилд“ замолкнаа кога тој по еден навидум наивен дуел остана да лежи во агонија крај аут-линијата. Веднаш стана јасно дека проблемот не е наивен, Леони беше заменет со Керекез во финишот, а деталните лекарски прегледи донесоа лоша вест за Арне Слот и Ливерпул.

Имено, станува збор за кинење на лигаментите во коленото, поради што врз италијанскиот тинејџер во најскоро време ќе биде извршен и хируршки зафат. По операцијата ќе биде јасно колку ќе изнесува неговата пауза од терените, но во Ливерпул се оптимисти дека Леони ќе може да биде на располагање на Арне Слот пред крајот на оваа сезона.

Се вчитува...