Никола Топиќ не може да крене глава од проблеми со повреди оваа сезона, откако српскиот кошаркарски бисер заработи нова повреда на коленото на финалето меѓу Црвена Звезда и Партизан.
Неговиот агент Мишко Ражнатовиќ обелодени дека станува збор за кинење на лигаментите, но напомена дека проблемот не би требало да биде премногу сериозен и да се одрази врз статусот на Топиќ на претстојниот драфт. Сепак, последните информации говорат дека младиот плејмејкер го очекува подолга пауза од терените, пред се поради желбата целосно да ги остави зад себе проблемите со повредите што го мачеа во последните дванаесет месеци.
Американски специјалист веќе го прегледал коленото на Топиќ и препорачал пауза од најмалку шест месеци, што значи дека тој сигурно нема да може да игра до почетокот на 2025. Притоа, не се исклучува ниту можноста паузата да изнесува цела сезона, се со целколеното на младиот плејмејкер целосно да зајакне и да може да ги издржи напорите што ги носи со себе професионалната кошарка, особено ако се исполнат прогнозите за негова преселба во НБА-лигата.
Топиќ е под договор со екипата на Црвена Звезда, но „црвено-белите“ по ваквиот развој на настаните ќе мора да доведат уште најмалку еден нов плејмејкер. Главен кандидат за ова место е Милер-Мекинтајер од Басконија, за чиј трансфер АБА-шампионот е подготвен да му плати 400.000 евра на шпанскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА