Косово ќе поднесе жалба до УЕФА против Србија за мечот против Албанија

Фудбалската федерација на Косово, ги осуди скандирањата на навивачите на Србија за време на квалификацискиот натпревар против Албанија одигран синоќа во Лесковац. Федерацијата ќе поднсе и жалба до УЕФА за скандирањата.

Српската репрезентација загуби на домашен терен од Албанија со 0-1, и со тоа драстично ги намали шансите за пласман во баражот за Светското првенство.

За време на мечот фановите скандираа „Косово е Србија“.

Фудбалската федерација на Косово остро ги осудува антикосовските скандирања и провокативните пораки на трибините на стадионот во Лесковац, каде што беше кренато српското знаме, поставено на карта на Косово, за време на натпреварот меѓу Србија и Албанија.

За жал, ваквите сцени не се ништо ново на српските стадиони, каде што говорот на омраза и навредливите пораки насочени кон соседните земји продолжуваат да се повторуваат без соодветна казна. Фудбалската федерација на Косово смета дека ваквите постапки се спротивни на духот на спортот, принципите на почитување и вредностите што ги претставуваат УЕФА и ФИФА.

Во врска со ова, Фудбалската федерација на Косово ќе испрати протестна нота до УЕФА, барајќи таа да преземе јасни и строги мерки против Фудбалската федерација на Србија за овие повторени дејствија, кои го нарушуваат имиџот на фудбалот и ги поткопуваат принципите на УЕФА и ФИФА“, стои во соопштението на ФФК. 

Се вчитува...