Серијата од 16 натпревари без пораз на Косово беше прекината вечерва откако оваа репрезентација загуби со 5-3 на гостувањето против Англија. Интересно, гостите први поведоа на „Сент Мери“ во Саутемптон по само 40 секунди игра, по што Англичаните се налутија, целосно ја презедоа контролата и до крајот на полувремето постигнаа пет гола (Стерлинг, Кејн, автогол на Војвода и два погодоци на Санчо).
Убедливата предност придонесе „гордиот албион“ да го намали притисокот во второто полувреме, а гостите го искористија тоа и преку Бериша и Муричи стигнаа до пристоен пораз. Англија имаше идеална шанса да постигне и шести гол, но Кејн не реализираше пенал во второто полувреме.
Франција без многу мака триумфираше на мечот со Андора со 3-0. Селекторот Дешамп го ротираше тимот и им даде шанса на неколку дебитанти, а „триколорите“ рутински славеа со головите на Коман, Ленгле и Бен Једер. Мора да се истакне дека Антоан Гризман втор натпревар по ред не успеа да реализира пенал за Франција.
Србија и без помошта на повредените Тадиќ и Јовиќ триумфираше во Луксембург со 1-3, благодарение на головите на Митровиќ (два) и на Радоњиќ.
Албанија во драматичен натпревар го совлада Исланд со 4-2, додека кризата на Црна Гора се продлабочи по домашниот пораз од Чешка со 0-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА