Владата на Косово објави дека ќе и исплати парична награда на фудбалската репрезентација доколку успее да се квалификува за Светското првенство во 2026 година.
Косово успеа да дојде до плејофот во март во битката за пласман на прво свое големо натпреварување. Во полуфиналето од баражот најпрво ќе се соочат со Словачка на гости, а доколку победат за пласман на СП 2026 ќе играат против подобриот од дуелот меѓу Турција и Романија.
Па, привремениот премиер на Косово, Албин Курти, изјави дека неговата влада ќе и исплати на репрезентацијата парична награда од 500.000 евра доколку ја елиминира Словачка. Во случај, пак, на пласман на СП 2026, фудбалерите ќе добијат парична награда од еден милион евра.
Фудбалската репрезентација на Косово е една од најмладите на европската сцена, но и селекција која успеа да го изгради своето име во светот на фудбалот за кратко време.
По приемот во УЕФА и ФИФА во 2016 година, на Косово му беше дадена можност за првпат да се натпреварува во официјални квалификации, што го означи почетокот на ново поглавје за фудбалот таму.
Најдобриот период на репрезентацијата беше во квалификациите за ЕУРО 2020. Преку Лигата на нациите се изборија за бараж за пласман на ЕП 2020, но во полуфиналето беа елиминирани од Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

