Фудбалската репрезентација на Македонија е во својата база во Букурешт каде што се подготвува за настапот на Европското првенство.
Тихомир Костадинов вели дека тимот одработил одлични подготовки и ветува дека на секој меч ќе дадат максимум.
„Двата пријателски натпревари беа добра увертира за Европското првенство. Триумфот против Казахстан ни помогна многу за нашата самодоверба. Сметам дека одработивме одлични подготовки двете недели колку што сме заедно. Спред мене било кој противник да ни беше прв меч ќе беше тежок и голем предизвик бидејќи првпат сме на големо натпреварување. Сепак, не се оптеретуваме со претходните натпревари и двата порази од Австрија. Ова е нов меч треба да извлечеме поуки од тие мечеви и да дадеме се од себе да го добиеме тој натпревар“, вели Костадинов.
Костадинов дополнува дека му е криво тоа што нема да бидат полни трибините, но знае дека ќе ја има поддршката од македонските навивачи кои се најдобри во светот.
„Единствено што ми е криво што нема да бидат полни трибините. Дебитирав во поразот од Австрија во Виена каде имаше 50 илјади публика. Жал ми е што нема да биде полн стадионот, но од друга страна добро е што ќе има одреден број на навивачи. Очекуваме максимална поддршка од нашите навивачи. Знаеме дека ќе бидат во помал број, но знаеме дека тие се најдобри и најгласни. Секој навивач ќе биде добредојден за нас“, изјави Костадинов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА