Костадинов: Молдавија не треба да се потцени, најважно е како ние ќе одиграме

Македонските фудбалери ги продолжуваат подготовките во Анталија пред двете контролни средби што избраниците на селекторот Милевски ќе ги одиграат во наредните денови, најпрвин против Молдавија на 22 март, а три дена подоцна и против селекцијата на Црна Гора.

Македонија барем на хартија важи за фаворит на дуелот со Молдавците, но Тихо Костадинов не е убеден во таквиот статус и потенцира дека клучно на овие средби ќе биде нашата селекција да одигра најдобро што може и да ја крене формата за септемвриските квалификации.

„Она што е најважно е против Молдавија и против Црна Гора да се даде максимумот. Тоа е и поентата на овој собир, сите добро да се подготвиме за она што следи од септември, пред се на тактички план. Не верувам дека Молдавија треба да се потцени, не знам дали сме навистина со улога на фаворит. Молдавија е добар, квалитетен состав, за Црна Гора не треба ни да се трошат зборови. Мораме да влеземе максимално во двете средби, најважно од се сепак ќе биде како ние ќе одиграме. До септември имаме четири пријателски средби за да се подготвиме добро за она што е пред нас“, изјави Костадинов.

Се вчитува...