Костадинов: Заслуживме победа, но нема долго да жалиме… цел фокус е на Велс

Македонија испушти изгледна шанса да се бори за првото место во групата „Ј“ од квалификациите за Светското првенство ремизирајќи со Казахстан со 1-1 на домашен терен.

Незадоволството по натпреварот не го криеше Тихомир Костадинов кој изјави дека Македонија заслужи нови три бода против Казахстанците, но во еден тежок и исцрпувачки натпревар изостана реализацијата.

„Тежок натпревар. Не успеавме да го постигнеме тој втор гол. Имавме доволно шанси, но едноставно денеска не успеавме да реализираме по втор пат и за жал не го потврдивме бодот против Белгија. Тежок натпревар, исцрпувачки, но тоа е тоа. Нема назад, одиме понатаму. Имаме уште еден натпревар од групата против Велс“, започна Костадинов.

Македонија во овој натпревар влезе по фантастичен дуел против Белгија и голем бод, но заморот го плати данокот.

„Едноставно како да не држеше тој замор од Белгија уште од првото полувреме. Беа поагресивни од нас по целиот терен. Беа поуспешни, повеќе подготвени, побрзи. Ги освојуваа дуелите и некогаш во фудбалот тоа е доволно. Ја променивме формацијата во второто полувреме, игравме поагресивно и похрабро и затоа направивме повеќе шанси. За жал примивме еден несреќен гол, успеавме да се вратиме на време, имавме и ситуации за 2-1, но едноставно не успеавме да реализираме.

Заслуживме победа според шансите, направивме доволно шанси за втор гол и заслуживме да победиме. Беше тешко. Тие одиграа добар натпревар и овој пат. Не беше лесно ни таму со нив“, додаде македонскиот репрезентативец.

Се вчитува...