Ненад Костески ќе ја има улогата на прво десно крило во репрезентацијата откако Гоце Георгиевски не се најде на списокот за двомечот со Португалија.
Младиот ракометар на Еурофарм Пелистер им ја препушта фаворитската улога на Португалците, но верува дека нашиот национален состав ќе успее да ги искористите слабостите во играта на противникот.
„Ова е нов собир, подмладени настапуваме против силна репрезентација како Португалија. Знаеме за каков противник се работи, да не трошиме многу зборови, одлична селекција добро покриена на сите позиции со играчи кои настапуваат во добри клубови во одлични лиги. Секако, и тие имаат слабости, наше е добро да ги изанализираме и потоа да ги искористиме тие слабости. Треба да излеземе на терен без притисок, немаме што да загубиме, можеме само да добиеме“, вели Костески.
Значаен плус е што нема резултатски притисок, со оглед на фактот дека пласманот на ЕП е речиси осигуран, а двомечот со Португалија всушност е пресметка за која од овие две селекции ќе се најде на првото, а која на второто место во групата.
„Речиси сме пласирани на овој европски шампионат и тоа придонесува да нема дополнителен притисок. Верувам дека токму поради фактот дека ќе одиграме без таква резултатска пресија ќе бидеме уште подобри, без разлика што против нас имаме квалитетен противник, ќе прикажеме добра игра и зошто да не, да изненадиме и да стигнеме до победа“, вели Ненад Костески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА