Македонските ракометари за неколку дена ќе отпатуваат за Хрватска, каде ќе ги одиграат последните контролни средби во пресрет на почетокот од СП 2025 што нашиот национален тим ќе го игра во Вараждин.
Прва опција на позицијата десно крило повторно ќе биде Ненад Костески, одличниот ракометар на Е. Пелистер кој неодамна се врати на терените по тешката повреда на коленото.
„Беше навистина тешко, повредата беше многу сериозна, една од најтешките во спортот, но успеав да се вратам. Чувството повторно да се биде на терен е навистина прекрасно, од меч во меч сум се подобро подготвен и верувам дека во добра форма ќе го дочекам светскиот шампионат. Одработевме квалитетни подготовки во Стара Пазова, одигравме средби за темпирање на формата, а продолживме со добра работа и во Скопје. Не се сомневам дека ќе бидеме максимално подготвени за првиот дуел со Унгарија закажан за 15 јануари“, вели Костески.
Барем на хартија, клучна за пласман во следната фаза ќе биде последната средба против Гвинеја (19 јануари), но нашите ракометари не кријат дека ќе сторат се за барем една победа на претходните два меча против Унгарија и Холандија.
„Оптимист сум дека ќе се пласираме во главната фаза, но не смееме да се фокусираме само на тоа, на таа средба со Гвинија. Верувам во нашата репрезентација, знам дека поседуваме квалитет и сигурно ќе сториме се што можеме за да стигнеме до уште една победа. Ќе имаме многу навивачи, дај Боже повторно да ја израдуваме цела Македонија и да создадеме одлична атмосфера со добри игри на едно големо натпреварување во Хрватска. Верувам дека сме способни за такво нешто“, оптимистички е расположен Ненад Костески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА