Ненад Костески има значајна улога во тимот на Алкалоид во првиот дел од сезоната, па десното крило полно со самодоверба го очекува претстојниот европски шампионат.
Подготовките се во полн ек, а приоритет во наредниот период ќе биде да се извршат одредени корекции и отстранување на слабостите во нашата игра.
„Првиот дел од подготовките го заокруживме на позитивен начин и можеме да бидеме задоволни од сработеното. Имавме и контролен натпревар против Хрватска, кој ни помогна јасно да ги видиме и работите што мора да ги поправиме. Секако, имаше и многу добри моменти, што ни дава дополнителна самодоверба и потврда дека сме на вистинскиот пат. Во периодот што следи ќе се фокусираме на корекција на слабостите, а преку уште неколку контролни средби верувам дека Европското првенство ќе го дочекаме максимално подготвени. Групата на Европското првенство е исклучително квалитетна и ниту една репрезентација не смее да се потцени. Станува збор за сериозни противници, но токму настапот на последното Светско првенство треба да ни биде силен мотив, бидејќи тогаш покажавме дека можеме да играме со сите ривали на високо ниво“, вели Костески.
Според Ненад, рецептот за успех е – фокус, храброст, дисциплина…
„Веруваме во себе и се надеваме на добар резултат. Клучно ќе биде доследно да го спроведеме сето она што селекторот ќе го побара од нас. Мора да бидеме храбри, дисциплинирани и фокусирани. Очекувам квалитетни натпревари, а зошто да не – и пријатно изненадување со пласман понатаму од групата. Како тим полека созреваме. Подолг период сме заедно, што веќе се чувствува на теренот. Имаме силна тимска хемија и одлична атмосфера во репрезентацијата, а тоа ќе биде голем плус во сите предизвици што нè очекуваат“, истакнува помладиот од браќата Костески во нашиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

