Костески: Швајцарија е сериозен противник, заклучивме многу од дуелите со Франција и Германија

ЕКИПА во Берлин,

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација по поразите од Германија и Франција во првите две коло од Европското првенство ги очекува уште предизвикот против Швајцарија за крај на групната фаза.

Пред натпреварот кој е закажан за утре со почеток од 18 часот за медиумите говореше Ненад Костески, десното крило кој ги предводеше „црвено-жолтите“ со шест гола на средбата против Германија.

„Ни остана уште еден натпревар од групната фаза и тоа е натпреварот против Швајцарија. Имаме денеска еден ден да се подготвиме за утрешниот дуел и да го заборавиме тоа што помина претходните денови, тие два натпревари во кои забележавме порази. Да се сконцентираме на Швајцарија бидејќи тоа е една сериозна репрезентација која го покажа тоа на натпреварот со Франција каде ремизираа. Ќе мора да ги анализираме и да се подготвиме добро“, вели Костески.

„Покажаа дека имаат квалитет. Според мене моторот на играта им е Шмид кој доста придонесува, но нема да ги запоставиме и останатите играчи. Станува збор за сериозни ракометари кои настапуваат во Бундеслигата. Првиот натпревар против Германија може им беше слаб ден, но со Франција покажаа друга игра и дека навистина се многу многу подобра репрезентација од тоа“

Македонија не се прикажа во добро светло на првите два натпревари против фаворизираните противници, но и покрај тоа репрезентативецот верува дека целиот тим го дал максимумот. Голем проблем се загубените топки, нешто по што сме лидери на првенството, но тоа воедно е и нешто на што треба да се работи за иднината.

„Дадовме максимум, но не беше доволно за позитивен резултат. Јас сум сигурен дека сите момци го дадоа максимумот на двата натпревари. Претрпевме пораз со голема разлика, но видовме до каде сме и дека треба уште да работиме и напредуваме за да стигнеме до посакуваниот резултат.

И психичкиот дел и заморот беа проблем. Имаме голем број на технички грешки во овие последни два натпревари и мора да работиме на тоа бидејќи со што помал број на грешки бројот и резултатот немаше да биде лош, но тоа е што е, ни останува да го подобриме тој сегмент во кој потфрливме“, додава крилото.

Се вчитува...