Ненад Костески не го крие задоволството поради добрата форма на ракометната репрезентација, која вечерва славеше над дански Митјиланд со 37-28 во последниот контролен меч пред почетокот на ЕП 2026.
Според нашето десно крило, Македонија успешно ги мина овие подготовки и во топ-форма ќе го дочека стартот на европскиот шампионат и дуелот со големиот фаворит Данска закажан за петок во 20.30 часот.
„По последниот контролен натпревар пред ова европско првенство, мислам дека се успеавме да опфатиме, да се подготвиме добро за сите натпревари што ни претстојат во групната фаза во Хернинг. Не беше лесно бидејќи се насобраа поголем број на пријателски натпревари, но можеме да сме задоволни бидејќи бевме во ритам, одигравме добро и на овој последен меч, направивме добра разлика и верувам дека сме максимално подготвени за почетокот на европското првенство“, вели Ненад Костески.
Тој се осврна на групата, свесен за квалитетот на противниците, но истовремено и се надева дека Македонија ќе успее да стигне до позитивен резултат на овој шампионат.
„Станува збор за сериозна група, да не трошиме зборови, сите знаеме за колку квалитетни репрезентации станува збор, тука е Данска, потоа Португалија која на претходното првенство заврши на четвртото место, како и Романија која никако не смее да се потцени. Мислам дека ќе ги дочекаме сите тие натпревари подготвени, ќе одиграме најдобро што знаеме, ќе го дадеме најдоброто од нас и се надевам на позитивни резултати. Се надевам дека ќе ја израдуваме цела Македонија, зошто да не и да обезбедиме пласман во следната фаза“, истакнува десното крило на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

