Костоски: Кемниц игра уште побрзо од нас, но Евробаскет покажа дека во кошарката се возможни чуда

Кошаркарите на ТФТ Скопје вечерва во 21 часот ќе го почнат настапот во квалификацискиот турнир од Лигата на Шампионите на ФИБА. Прв ривал на освојувачот на Купот на Македонија ќе биде германскиот претставник Кемниц, екипа што ќе ја има фаворитската улога, но во таборот на ТФТ немаат намера да се предадат без борба.

„Кемниц е екипа што игра исклучително брза кошарка, цврста во одбраната, додека во нападот настојува што побрзо да ги завршува своите акции. Тоа реално е и наш препознатлив стил на игра, но Кемниц го има кренато на едно уште повисоко ниво и затоа мораме да бидеме многу внимателни и да го лимитираме бројот на загубени топки. Не треба да влегуваме во трка со нив и доколку успееме да наметне што повеќе акции да бидат „пет на пет“ наместо транзиција, мислам дека би имале шанси за позитивен резултат. Кемниц е фаворит, но ние дефинитивно нема да се предадеме. Последниот Евробаскет покажа дека во кошарката се возможни чуда“, изјави Александар Костоски, главниот организатор на играта на ТФТ.

Проблем за тренерот Смилковски претставува заминувањето на клучните странски играчи од ланската сезона, Ландриус Хортон и Амир Смит.

„Овој натпревар можеби доаѓа за нијанса прерано за нас бидејќи се уште сме во фаза на воигрување. Одигравме четири контролни средби и она што можам да го кажам – формата ни се движи во нагорна линија на секој нов натпревар, но сите овие дуели беа со ривали далеку послаби од Кемниц. Како и да е, подготвени сме за овој спектакл, а ме радува и што сите странски кошаркари се максимално мотивирани да го покажат најдоброто од себе во ова врвно натпреварување. Нема сомнеж дека овој натпревар ќе ни биде големо искуство за наредните предизвици, како во домашното првенство, така и во АБА2 лигата“, вели Костоски.

Се вчитува...