Македонската репрезентација се соочува со уште еден огромен проблем на стартот од новиот циклус во претквалификациите за ЕП 2021, откако Александар Костоски се повреди и отпадна од комбинација за настап на дуелот против Словачка, што ќе се игра во Попрад в четврток.
Првиот плејмејкер на нашиот национален тим во текот на вчерашниот ден заработи повреда на листот на ногата, во текот на денешниот ден беа извршени напори тој да биде оспособен за настап, за вечерва да биде донесена дефинитивна одлука тој да не патува со остатокот од репрезентацијата за Словачка.
„За жал, нема да можам да помогнам на овој толку значаен натпревар. Повредата не е премногу сериозна, но исто така и не може да биде санирана за два дена. Останувам на терапии во Скопје, се со цел да се оспособам за настап на вториот натпревар против Швајцарија“ – изјави Костоски за ЕКИПА.
Ова најверојатно ќе значи дека улогата на стартен плејмејкер ќе му припадне на младиот Ненад Димитријевиќ, додека местото на Костоски меѓу патниците за Словачка ќе се најде Стајиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА