Питешт во чии редови од средината на оваа сезона настапува и Александар Костоски доживеа нов пораз во романската прва кошаркарска лига, Дивизија А, овој пат од Сибиу со 71-80 (21-17, 12-21, 13-22, 25-20). За Питешт, ова е седми пораз во досегашниот тек од сезоната од 16 одиграни натпревари.
Играјќи против клубот кој се наоѓа на третата позиција на табелата, Костоски и Питешт имаа концентрација само за две четвртини. На почетокот домаќинот покажа заби, иако македонскиот репрезентативец не беше расположен за игра (четири поени во прв дел). Тоа му овозможи на противникот да наталожи удобна предност со која се замина на паузата (33-38). Во вториот дел од натпреварот македонскиот репрезентативен плејмејкер знаеше како да ги разигра своите соиграчи, за што зборува и бројот на асистенции и украдени топки. На почетокот на второто полувреме Питешт започна да ја топи негативата, намали и на само еден поен негатива (62-63), но потоа се разигра и Лаловиќ на спротивната страна и со две тројки одново направи предност за својот тим. Семафорот покажуваше четири минути до крајот на натпреварот кога домаќините како да се откажаа од игра. Противникот направи двоцифрена разлика која беше недостижна до крајот.
Костоски запиша 10 поени (1/6 за два поени, 2/6 за три поени, 2/4 за еден поен) на кои придодаде девет асистенции, два скока и две украдени топки за 34 минути поминати на паркетот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА