Плејмејкерот на македонската репрезентација, Александар Костоски се надева на успешни подготовки со новиот селектор. Вели дека според списокот може да се направи квалитетен состав на играчи за претстојните квалификации за Светското првенство кое во 2019 година ќе се одржи во Кина.
„Списокот изгледа интересен, па ако дојдат сите ќе биде интересно. Сите тие се добредојдени, секако дека ни требаат играчи, бидејќи моментално не располагаме со индивидуалци како некогаш. Јас и претходно кажав дека оваа репрезентација може да напредува само како тим. Немаме многу индивидуалци кои можат да направат разлика. Исто така се надевам дека новиот селектор ќе ја врати самодовербата во тимот, за да имаме успешни квалификации“, истакна Костоски.
Македонските кошаркари вчера почнаа со тренинзи во пресрет на новиот циклус на претквалификации за СП 2019. Според планот, „црвено-жолтите“, сениорите ќе тренираат во Скопје сè до 3. јули кога привремено ќе се преселат во Маврово. По 8. јули, сениорите повторно се враќаат во Скопје каде и ќе одиграат неколку пријателски натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА