Костоски верува во втор триумф на Пелистер: Само да бидеме мотивирани и фокусирани како на третиот меч…

Кошаркарите на Пелистер останаа во живот со убедливата победа на третиот меч против Работнички. Сепак, никој во таборот на „зелено-белите“ не планира да застане тука, напротив – желба е со идентична партија да се стигне до израмнување на 2-2 во оваа четвртфинална серија, а потоа во мајсторка во Скопје да се води битка за влез во полуфиналето.

Заминувањето на Трајковиќ од клупата и именувањето на Дејан Илиевски за нов предводник се покажа како вистински потег на луѓето од управата, „пелистерци“ конечно заиграа како што доликува, демонстрирајќи и квалитет и карактер во моментите кога беше најтешко.

„Точно знаевме што сакаме, каков стил на напад и каква одбрана да одиграме. Ни помогна тоа што брзо се разигравме во нападот, тоа ни даде елан, придонесе да играме и добра одбрана, така што победата практично ја решивме за едно полувреме“, изјави Александар Костоски, кој даде значаен придонес за победата.

Искусниот плејмејкер смета дека клучно на саботниот четрвти меч мора да биде фокусираноста и мотивацијата да бидат на исто ниво кко и на третиот натпревар.

„Секако дека можеме да славиме, но исто така и знаеме дека нема да ни биде лесно. Се надевам дека ќе успееме да останеме со ист фокус и мотивација, тоа донесе резултат на последниот меч, може да биде клучен фактор и на саботната пресметка. Не треба да размислуваме за полуфинале, туку само за наредниот меч, да стигнеме до 2-2, а потоа ќе се фокусираме на евентуалната мајсторка“, искусно порачува Костоски.

Четвртиот натпревар од оваа четвртфинална серија се игра в сабота со почеток во 19 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.

Се вчитува...