После елиминацијата на Бразил, уште еден поранешен светски првак стои на патот на Хрватска кон ново финале на Мундијалите. Пред четири години „коцкастите“ се пласираа во големото финале, и тогаш не успеаја да го подигнат трофејот. Многумина тогаш велеа дека „се поклопила генерацијата“, но дека не е така, се покажа четири години подоцна каде Хрватите обезбедија нов пласман во полуфиналето на Светските првенства.
И тоа избраниците на Златко Далиќ го елиминираа Бразил, првиот фаворит за трофејот во Катар. Сега Бразилците се веќе дома, а Хрватска ја продолжува својата бајка. Лука Модриќ сака да ја заврши својата репрезентативна кариера со големиот трофеј. Каков крај би бил тоа?
Златко Далиќ, селекторот на Хрватите смета дека неговата селекција уште од сега направи одличен успех, но дека неговата селекција сака повеќе.
„Одличен е овој успех за Хрватска и тоа да се направи на две СП по ред… Но, сега сакаме повеќе. Играме против големата Аргентина, одлична екипа предводена од Лео Меси кој има голем мотив, но и голем притисок. Го анализиравме противникот, ги знаеме нивните силни страни, знаеме како играат и во кој правец сакаат да го одведат натпреварот. Јас сум отпимист, им верувам на играчите, покажаа карактер и квалитети нема да се прилагодуваме на противникот. Хрватска ќе ја игра својата игра. Нема да се потпираме кон натпреварот во Русија пред четири години. Ова ќе биде сосема поинаков натпревар. Одигравме добро и постигнувавме тогаш голови од секоја шанса. Меси е во голема форма, може сам да реши натпревар. Но, има поддршка и од своите соиграчи. Дејствуваат добро како екипа. Малку се опуштија при 2-0 против Холандија, и тоа им се врати, и сега мислам дека ја научија лекцијата. Играме полуфинале со една од најдобрите селекции во историјата“, рече Далиќ.
Лионел Меси е на два чекори до историјата. Аргентинскиот ас сака да стигне до трофејот, и да ги заврши настапите на Мундијалите со пехарот. Тоа не му успеа во 2014 година кога во финалето Аргентинците загубија од Германија во продолженијата. Сега ќе има втора шанса да се пласира во финалето, а потоа да се бори за трофејот.
Селекторот Лионел Скалони е внимателен пред пресметката со Хрватска, напоменувајќи дека противникот игра специфичен фудбал, на кој тешко се спротивставуваат селекциите.
„Секој кој игра фудбал, сака да го има Модриќ во својата екипа. Ја анализиравме Хрватска, тие се многу добар тим со многу добри играчи. Ќе биде тежок натпревар. Хрватска прави проблеми, и ние работевме на тоа и ги анализиравме нивните слаби страни. Респект за Хрватска, но ние ќе дадеме се од себе да одиме во финалето. Ќе биде убав натпревар. Знам што да очекувам од моите играчи, верувам во нив дека добро ќе се спротистават на противникот кој игра специфичен фудбал, многу тежок за противниците. Ова е спорт во кој не победуваат секогаш најдобрите. И Бразил беше голем фаворит, па сега го нема. Ние треба да играме како против Холандија, но до 2-0 и да нема опуштање“, изјави Скалони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА