„Коцките“ се склопија за триумф над Нигерија

Хрватска се наоѓа на првото место во групата Д од светскиот шампионат откако „коцкестите“ вечерва по голема борба стигнаа до цел плен против Нигерија, триумфирајќи со 2-0. Прекините им донесоа среќа на хрватските фудбалери, кои двата погодоци ги постигнаа при вакви ситуации, првиот автогол, а вториот пенал направен по корнер од левата страна.

Хрватскиот селектор Далиќ се реши за максимално офанзивна формација со Ребиќ, Крамариќ, Перишиќ и Манџукиќ меѓу првите единаесетмина, и Модриќ и Ракитиќ во средниот ред без последен играч за врска. „Коцкетите“ не доминираа, но сепак успеаја да поведат во 32. минута откако по еден корнер и обидот на Манџукиќ, на погрешно место во погрешно време се најде Етебо, кој со несмасна интервенција ја затресе сопствената мрежа.

Нигерија тргна храбро во вториот дел, но одбраната составена од Вида и Ловрен лесно ги решаваше противничките напади. Потоа хрватскиот селектор го повлече Крамариќ за Брозовиќ, со што Модриќ доби целосна слобода, па играта на „коцкестите“ делуваше многу постабилно. Конечните 2-0 ги постави токму Модриќ од пенал, откако Манџукиќ беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник.

Во второто коло Хрватска ја очекува тежок дуел со Аргентина, додека Нигерија ќе се надева на подобар исход од денешниот на пресметката со селекцијата на Исланд.

 

Се вчитува...