Нико Ковач само кај себе може да ја бара вината за вечерашното реми со Аугсбург (1-1), поради што тренерот на Баерн не го стигна рекордот на Карло Анчелоти од осум последователни победи во сите натпреварувања на стартот од една сезона. Хрватот премногу експериментираше со стартниот тим, па така во нападот осамен беше Вагнер помогнат од Гнабри и Робен, во средниот ред се се вртеше околу Ренато Санчез, додека во одбраната на лев бек настапи Горецка.
Со една таква постава баварскиот гигант се мачеше во првото полувреме, за потоа на стартот од вториот дел Робен да постигне гол за водство, по несебичното додавање на Гнабри. Ковач во меѓувреме направи три замени, го повлече Вагнер, а го остави на клупата Левандовски, за казната да стигне во самиот финиш кога Геце се снајде најдобро и го матираше Мануел Нојер по грешката на германскиот репрезентативец.
Вердер го зеде скалпот на Херта, нанесувајќи му го на берлинскиот клуб првиот пораз сезонава (3-1). Домаќините доминираа во Бремен, уште во првото полувреме поведоа со 2-0, за потоа Крузе од пенал да стави печат на новиот триумф.
По пет одиграни кола неочекувано закован на дното е Шалке, кој вечерва загуби од Фрајбург за петти пораз во низа на актуелниот вицешампион.
Резултати Германија:
Вердер – Херта 3-1, Хановер – Хофенхајм 1-3, Баерн М. – Аугсбург 1-1, Фрајбург – Шалке 1-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА