Ковач: Терените во САД се повеќе за голф отколку за фудбал

Нико Ковач ја одведе Борусија Дортмунд до четвртфиналето на клупскиот мундијал, но „милионерите“ таму беа елиминирани од Реал Мадрид. Слабиот почеток се покажа клучен, Реал набрзина поведе со 2-0, па иако Борусија заигра подобро во самиот финиш, „милионерите“ немаа сили да стигнат до целосен камбек во четвртфиналето.

Борусија имаше убава можност за 3-3 во последните секунди, но Куртоа маестрално го запре одличниот удар на Сабицер.

„Онаа последна одбрана беше неверојатна… навистина мислев дека топката ќе заврши во мрежата, но Куртоа уште еднаш покажа дека е врвен голман. Мечот го загубивме во првото, а не во второто полувреме. Севкупно гледано, постигнавме повеќе отколку што очекувавме, не е проблем да се загуби од светска екипа како што е Реал Мадрид“, истакна Ковач.

Хрватскиот стручњак потоа се осврна и на ненормалните услови за игра што владеат на терените низ САД на овој клупски шампионат.

„Оваа трева и терените на кои игравме, многу е поразлична од она во Германија и воопшто низ цела Европа. Мислам дека повеќе наликува на трева за голф отколку за фудбал, премногу е кратка, наводнувањето не е како што треба, а згора на тоа игравме на пеколни температури, што го правеше теренот уште потежок за игра“, прокоментира стратегот на Борусија Дортмунд.

Се вчитува...