Милениците на љубителите на фудбалот во Гевгелија ,нивниот Кожуф, ја остварија целта поставена пред минатогодишниот старт во Единствената Втора лига. Обезбедија опстанок пласирајќи се на деветтото место на табелата во конкуренција на 16 клубови. Играчите заминаа на заслужен одмор се до 25 јуни кога тренерот Филип Деспотовски ја има закажано прозивката за почетокот на подготовките за новата сезона, во која клубот има големи амбиции. Не се кријат, борба за висок пласман.
И додека фудбалерите на Кожуф се на одмор, за членовите на управниот одбор на клубот нема одмор. Се разговара со играчите, со оние кои треба да останат , со кои ќе се продолжат договорите за да се задржи костурот на тимот. Се планира 4 до 5 засилувања, веќе е договорено со тројца фудбалери од Првата лига. Тие веќе дадоа согласнот во новата сезона да го носат дресот на Кожуф. Нивните имиња ќе бидат познати за јавноста за неколку дена.
Според зборовите на спортскиот директор на Кожуф Ристо Танев, останува и тренерот Филип Деспотовски, бидејќи во клубот се задоволни од неговата успешна работа.
-По оставката на тренерот Трајче Сенев, кој замина во Брегалница на почетокот на вториот дел од првенството, со доагањето на тренерот Деспотовски Кожуф заигра многу подобро обезбедувајќи сигурен опстанок. Добро е што останува, иако имаше и други понуди, под неговото раководство ќе се обидеме да ја оствариме големата желба на нашите навивачи, да се пласираме во горниот дел на табелата, и никогаш повеќе да не стравуваме за опстанок. Имаме одлични услови за работа, убав терен, стадион, благодарејќи на градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов немаме никакви финансиски проблеми. А, тоа е најзначајно за секој клуб. Верувам дека Кожуф е финансиски најстабилен клуб во единствената Втора лига, ни изјави Ристо Танев кој на крајот на разговорот не извести дека Кожуф веќе има договорено и една пријателска средба пред новата сезона. На 6 јули Кожуф ќе игра со Силекс во Гевгелија.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА