Фудбалерите на Кожуф под раководство на тренерот Трајче Сенев веќе десетина дена се подготвуваат за новото второлигашко првенство. Се создава еден млад тим, еден од најмладите во лигата со голема желба да не се повтори минатогодишната сезона кога по очајно слабиот старт, со ангажирањето на тренерот Сенев, со максимално залагање и обезбедување на сите услови на претседателот и спортскиот директор на клубот Никола Танчевски и Ристо Танев, не само што обезбедија опстанок, туку се пласираа во средина на табелата на голема радост на љубителите на фудбалот во Гевгелија.
Да не заборавиме фудбалот во овој најјужен град во нашата држава има голема традиција. Кожуф долго години играше во Првата лига на Македонија, постојан член е на Втората лига. Од неговите редови потекнуваат познати фудбалски имиња: Боро Узунов, Марин Каракабаков, Петко Петков, Ставре Костов, Мојсеј Морарцалиев, Димитар Беќаров, Ѓоко Атанасов, Никола Гелебешев, Александар Ѓошев…
Со каков ангажман се работи, колку е Кожуф посветен на новото првенство најдобро зборува податокот дека до почетокот се закажани четири пријателски средби, со Вардар од Неготино, Тетекс, Детонит Радовиш, со српскиот прволигаш „Трајал“ во Пехчево, како и настап на традиционалниот турнир „Вуко Каров“ во Кавадарци кој почнува на 29. јули. На овие натпревари тренерот Сенев ќе може да ги согледа квалитетите и да ги воигра новите играчи кои потпишаа за гевгелискиот клуб. Тоа се голманот на Караорман, Антонио Столевски, Давид Љушев (Работнички), Павел Ристов (Тетекс), Александар Драгевски (Македонија Ѓ.П), а се вратија и неговите поранешни играчи Давид Ристевски и Филип Манасиевски, кои паузираа неколку месеци поради повреда.
Кожуф го напуштија двајцата голмани: Борче Картов и Кристијан Георгиевски, потоа Христијан Бејков и Тони Мицкоски, кои потпишаа за Беласица како и Мики Дубровски. Но костурот на екипата која го обезбеди опстанок во лигата остана: Бојан Иванов, Томица Петров, Мартин Андонов, Давид Грегори, Александар Богдановски и Дарко Михајлов.
Според зборовите на директорот на клубот Ристо Танев клубот се обидува да ангажира уште еден квалитетен голман и уште двајца фудбалери во нападот со кои е во завршни преговори.
Што е најинтересно Кожуф е еден од ретките второлигаши кој нема никакви финасиски проблеми. За Кожуф се грижи и го финансира локалната самоуправа, со голема помош и поддршка на градоначалникот на Гевгелија, Доне Сарамандов, голем вљубеник во спортот.
М. Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА