Кошаркарите на Кожув ја запреа победничката серија на Гостивар, славејќи со резултат 87-82, со што избраниците на Алек Јончевски му се одмаздија на ривалот за поразот во првиот дел од сезоната. Денешниот дуел го одбележа израмнета игра, двата тима се менуваа во водство, но домаќините беа за нијанса подобри во последните минути и на крајот заслужено се радуваа на победата.
Александар Костоски постигна седум поени за гостиварци во последните две минути, но и тоа не беше доволно за триумф. Кожув умешно ги реализираше нападите во самата завршница, а по промашеното положување на Доналдсон (при 83-82 на 30 секунди до крајот) беше досудена неспортска лична грешка на Костоски, по што Пејн од линијата за слободни фрлања ја запечати победата на Кожув.
Пејн со 27 и Зданавичиус со 21 поен беа најзаслужни за големиот триумф, додека кај Гостивар најпрецизни беа Џелетовиќ со 25 и Костоски со 19 постигнати поени.

Работнички славеше со 88-60 над Академија ФМП, дуел на кој „центарци“ му испратија последен поздрав на Благоја Георгиевски – Буштур, по трагичната смрт на најдобриот кошаркар во историјата на овој клуб.
Ефремовски и Лесколт со по 16 поени беа најефикасни во таборот на Работнички, а дебито за тимот на Мираковски го имаше и Американецот Питс, кој постигна пет поени со слаб процент за шут (2/12).
Еуроникел очекувано лесно и убедливо славеше над вториот тим на МЗТ Скопје (80-65). Младите „штркови“ повторно имаа сили само за едно полувреме, на паузата во Кавадарци дури имаа и водство од 33-35, но домашните кошаркари направија пресврт во третата четвртина и на крајот славеа со 15 поени разлика. Караколев со 16 поени беше најефикасен во победничкиот тим, додека кај МЗТ Скопје 2 најдобар поединец беше Ранко Мамузиќ со 28 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

