Кошаркарите на Кожув се третиот тим кој се пласираше во полуфиналето на Купот на Македонија, откако вечерва на свој паркет му нанесоа пораз на тимот на Куманово со 81-69.
Одличната игра на гевгеличани особено во втората четвртина, придонесоа за оваа разлика, кога Кожув воден и од својата публика, ја доби четвртината со 12-21, и на полвуреме замина со позитива од 13 разлика.
Во третиот период, во три наврати Кожув имаше и предност од 22 поени разлика, но потоа Куманово ја консолидираше одбраната, па успе да се врати колку толку и да ја врати надежда дека може да го избегне поразот, па во последниот период Кожув влезе со „само“ 14 разлика (62-48).
Во завршните 10 минути од мечот Куманово се обиде да се врати во мечот или барем да го направи подраматичен финишот. Стигна до негатива од 11 поени, но имаше и неколку промашувања да се доближи на едноцифрена разлика, па Кожув брзо стигна до недостижни 15 разлика.
Најефикасен на мечот беше Стефановиќ од Кожув кој постигна 23 поени, додека кај Куманово Радукиќ постигна 20 поени.
Претходно пласман во полуфиналето обезбедија Гостивар и Пелистер. Вечерва од 20:30 часот се игра големото дерби помеѓу Работнички и МЗТ, со кое ќе се комплетираат сите екипи кои ќе се пласираат меѓу најдобрите четири. Кожув ќе вкрсти против Гостивар во полуфиналето, додека Пелистер го чека подобриот од вечното дерби.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА