Кожуф со седум нови фудбалери во пролетниот дел од сезоната

Кожуф од Гевгелија со големи амбиции и со седум нови играчи ќе стартува во пролетната сезона во единствената Втора лига на Македонија. Целта на клубот е да го сочуваат петтото место на табелата, a ако се укаже шанса да обезбедат и повисок пласман. За таа цел за вториот дел на првенството Кожуф има ангажирано дури седум нови фудбалери благодарејќи на активните членови на раководната гарнитура на клубот на чело со претседателот Никола Танчевски и спортскиот директор Ристо Танев.

За Кожуф потпишаа досегашните фудбалери на Беласица, голманот Борче Картов, Благојче Стојанов и Васко Коцев, Никола Најдовски/Тиквеш/, Мартин Петровски /Саса/ и Давид Митревски /Детонит/. Последното засилување доаѓа од Италија. За Кожув пролетва ќе игра талентираниот Метим Илјази кој има македонски пасош и досега играше за младиот тим на Триестина од Трст. Тој веќе го облече дресот на Кожуф на пријателската средба со Тиквеш која заврши без победник 2:2, постигна еден гол и со својата игра остави одличен впечаток.

Од клубот си заминаа Александар Драгевски во Беласица, Баже Дамјановски во Тиквеш и Марко Ристов во Победа. Подготовките за пролетниот старт ќе се одвиваат во Гевгелија, планирани се пет пријателски средби до првиот првенствен меч со Караорман во Струга. Покрај веќе одиграниот натпревар со Тиквеш /2:2/ Кожуф ќе игра уште со Победа, Беласица, Осогово и Детонит, како генерална проба пред пролетната сезона во која Кожуф стартува со многу посилен тим и со поголеми амбиции.

„Во моментов сме на петтото место на табелата зад Беса, Детонит, Пелистер и Арсими во конкуренција на 16 клуба, што е навистина солиден пласман. Имавме многу успеси во првите шест есенски кола, а потоа започнаа низа повреди на нашите најдобри играчи, го загубивме костурот на тимот, што беше причина да останеме без доста планирани бодови. Сега имаме повеќе играчи на располагање, повредените се опоравија, ќе имаме сили и за повисок пласман на табелата. Наша цел е да го сочуваме сегашниот костур на тимот за идната сезона, во која имаме уште повисоки амбиции. На нас останува да играме и победуваме. За мене е задоволство да работам во Гевгелија во вакви услови , вистински фудбалски град, затоа пролетва не смееме да ги разочараме навивачите“, изјави  шефот на стручниот штаб Трајче Сенев.

М.Мицковиќ

Се вчитува...