Крај на една ера: Хиршер му кажа збогум на скијањето

Скијањето денеска останува посиромашно за една голема легенда откако Марсел Хиршер реши да стави крај на својата неповторлива кариера. Австриецот доминираше на патеките во изминатата деценија, стигнувајќи до осум „кристални глобуси“ во низа во Светскиот куп, од 2012 до 2019 година, за денеска на прес-конференција во Салцбург да потврди дека повеќе нема да биде дел од овој спорт.

„Денеска е денот кога ја завршувам кариерата. Не е преголемо изненадување, се чувствувам дека телото ми е преморено по 12 години огромни напори. Секако, тука е и фактот дека сакав да се повлечам како шампион. Секогаш сум велел дека треба да се каже збогум кога се уште ќе може да се победува, а не кога кариерата ќе се движи во надолна линија. Размислував на оваа тема дури и во 2012 година, тогаш решив да продолжам, но сега дефинитивно е крај“ – изјави Хиршер.

Австриецот има 67 победи во Светскиот куп, што е трето најдобро остварување во скијачката историја, зад Ингемар Стенмарк (86) и Линдзи Вон (82). Тој има по шест мали кристални глобуси во слалом и во велеслалом, а во богатата колекција на трофеи има и седум златни медали од светските првенства и две златни одличја од Олимписките Игри.

Се вчитува...