Крај на една ера: Иниеста му кажува збогум на фудбалот

Светскиот фудбал ќе остане посиромашен за Андрес Иниеста откако легендарната „осумка“ на Барселона реши да ја заврши професионалната кариера.

Фудбалскиот генијалец последните години ги мина во Јапонија, лани се пресели во ОАЕ, а во меѓувреме по истекот на договорот на 1 јули одби неколку понуди. Иниеста размислуваше за најразлични опции, но на крајот реши да ги закачи копачките на клин.

Тој на профилите на социјалните мрежи најави дека во вторник ќе ја објави одлуката за иднината, но медиумите веќе објавија дека Иниеста „пресекол“, а следниот вторник го избрал за ден на објава на одлуката бидејќи станува збор за 8 октомври – осум во знакот на бројката што ја носеше во текот на целата кариера.

Андрес Иниеста дебитираше за Барселона во 2002 година, добивајќи шанса од Луј ван Гал, а набрзо потоа се наметна и како еден од лидерите на каталонскиот гигант. Заедно со Чави формираше неверојатен тандем во средниот ред на Барса, а во кабинетот со трофеи на Иниеста има девет титули во Ла Лига, четири во ЛШ, шест во Копа Дел Реј, три од клупските мундијали и три од Супер-купот на Еврпоа.

Во 2018 година си замине од „Камп Ноу“ и се пресели во Висел Коб, тим со кој стигна до титулата во јапонскиот шампионат.

Врв на кариерата дефинитивно беше голот во финалето на СП 2010 во Јужна Африка, кога токму Иниеста ја крена Шпанија на тронот на светскиот репрезентативен фудбал со погодокот против Холандија.

Се вчитува...