Крај на една ера: Меси, Нејмар и Мбапе во исто лето си заминуваат од ПСЖ

ПСЖ доживеа ново европско фијаско откако уште во осминафиналето беше ставен крај на сонот наречен трофеј од Лигата на шампионите за тимот што вреди над милијарда евра. „Светците“ со години наназад го сонуваат истиот сон, но сезонава проблемот е уште поголем откако стана очигледно колку ПСЖ со сите свои ѕвезди во тимот е во потчинета улога во однос на моќниот колектив на Баерн Минхен. Според најавите од Франција, пораката е сфатена од страна на управата, а тоа ќе донесе и до целосен ремонт во тимот, при што од „Паркот на принцовите“ ќе си заминат трите најголеми ѕвезди на тимот, Лео Меси, Нејмар и Килијан Мбапе.

Меси станува слободен играч летово и иако се шпекулираше дека е многу блиску до нов договор, одолговлегувањето во разговорите е порака дека Аргентинецот во меѓувреме се премислил. Последните информации говорат дека Меси донел одлука за заминување од ПСЖ, ако остане во Европа тоа ќе биде само во дресот на Барселона, но сериозна опција е и преселба во МЛС-лигата или во Саудиска Арабија, од каде понудите се супериорни во однос на европските.

Нејмар е играчот кого „светците“ се обидоа да го продадат и минатото лето, но не успеаја бидејќи немаше ниту еден сериозен купец за овој фудбалер. Талентот е несомнен, но проблем на Нејмар е неговиот непрофесионализам, но и огромната плата што ја има во ПСЖ, што го прави огромен ризик за инвестирање на богатство. Францускиот првак повторно ќе го стави Бразилецот на трансфер-листа, а како можни дестинации се споменуваат Челси и Њукасл.

 Килијан Мбапе беше во главна улога во сапуницата минатото лето во која на крајот реши да потпише нов договор. Сепак, тој договор е со важност од само две години, Мбапе не делува заинтересирано да ја продолжи соработката, па Ал Келаифи ќе треба да донесе одлука – да заработи од Французинот или да го чува уште една година и потоа да го пушти да си замине како слободен играч. Реал Мадрид ќе има слаба сезона, Бензема има сериозни проблеми со чести повреди, па Флорентино Перез многу лесно може да се врати во трката по Мбапе, со понуда од 200 милиони евра што дури ни богатите газди на ПСЖ нема да можат да ја одбијат.

Се вчитува...