Жељко Обрадовиќ од вечерва и официјално не е тренер на Фенербахче, откако им соопшти на челниците на турскиот гигант дека не ја прифаќа нивната понуда да го води тимот со значително намален буџет. Турскиот гигант најави кратење на буџетот за околу 40%, минатата седмица се водеа преговори за да се најде решение за трофејниот стручњак да остане, но на крајот тој реши сепак да го напушти кормилото на клубот што го водеше во изминатите седум години.
„За жал, нашиот тренер денеска ни соопшти дека нема да го води Фенербахче и дека една година нема да работи во ниту еден тим. Како архитект на бројните успеси, мораме да ја почитуваме оваа одлука на нашиот ценет тренер Жељко Обрадовиќ. Тој засекогаш ќе остане дел од семејството Фенербахче, со остварувањето на успесите и огромните радости што ни ги донесе“, се вели во соопштението на турскиот кошаркарски гигант.
За очекување е по заминувањето од Обрадовиќ да стартува и егзодус на играчкиот кадар, со оглед на фактот дека кошаркарите беа подготвени да прифатат намалување на платите доколку овој стратег останеше. Први на излезна врата се наоѓаат Слукас, Датоме и Де Коло, а лесно може да се случи да си заминат и Весели, Вилијамс, Ловерњ…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА