Крај на една ера – Уругвајците го отпуштија Табарез

Денешниот ден означува крај на една ера во јужноамериканскиот фудбал откако Оскар Табарез доби отказ од селекторската функција во Уругвај, што ја извршуваше во последните 15 години.

Искусниот 74-годишен стручњак го плати цехот за слабите игри во квалификациите за СП 2022, во кои Уругвај моментно се наоѓа на седмото место со 16 освоени бода, со сериозен ризик да не стигне до билет за Катар. Незадоволството кулминираше по поразот од 3-0 од Боливија, по што челниците на федерацијата решија да му врачат отказ на Табарез.

„Смената на Оскар Табарез и на неговиот стручен штаб е тешка одлука што сепак мораше да биде донесена по најновите околности, се со цел да се осигура иднината и да се стигне до посакуваните резултати. Изразуваме длабока почит за неговиот професионализам и остварените резултати во овој долг период“, се вели во соопштението на Уругвајската Фудбалска Федерација.

Најголемите успеси на Оскар Табарез како селектор на Уругвај се освојувањето на Копа Америка во 2011 година и пласманот во полуфиналето на СП 2010 во Јужна Африка.

Се вчитува...