Еурофарм Пелистер втора сезона по ред не успева да го мине осминафиналето во Лигата на Европа, откако битолчани денеска беа елиминирани од составот на Нексе, губејќи го и вториот дуел со вицешампионот на Хрватска, овојпат во Битола со резултат 21-22. Ако ланскиот дуел со Магебург беше пресметка во која Еурофарм беше аутсајдер, тогаш овој двомеч со Нексе беше одлична шанса за пласман меѓу најдобрите осум екипи, предизвик пред кој тренерот Бабиќ и неговите пулени потклекнаа со два порази. Ниту одличната атмосфера во салата „Боро Чурлевски“ не беше доволна за да се надополнат оние „минус три“ од Нашице, па на „пелистерци“ им преостануваборбата за својна круна на домашната ракометна сцена.
Натпреварот почна со одлично издание на „пелистерци“, кои носени на крилата на навивачите експресно дојдоа до солидна предност. Во првите петнаесетина минути Еурофарм Пелистер имаше предност од 7-3, но потоа гостите се полесно наоѓаа пат до мрежата на Секељи. При водство од 8-5 крилото Божиќ – Павлетиќ не реализираше зицер од контранапад, по што на спротивната страна Нексе влезе во мини-серија и се врати целосно во натпреварот. Кевиќ биеше прецизно во 28. минута и донесе прво водство на Нексе од 10-11, Хрватите не реализираа и напад за „плус два“, по што Мараш стрелаше во мрежата на Нексе и на одмор се замина со израмнети 11-11.
Крајниот исход на овој двомеч беше решен на самиот почеток од второто полувреме, во кое битолчани во првите пет минути не успеаја да постигнат ниту еден погодок. На спротивната страна, Нексе лесно реализираше во мрежата на Секељи, поведуваjќи со 11-14. Нападот на Еурофарм Пелистер конечно профункционира, но одбраната не можеше да се снајде при акциите на пивот на противникот, по што хрватскиот вицепрвак рутински ја одржуваше предноста меѓу два и три гола.
Костески не реализираше од крило при 17-19 со играч повеќе на десетина минути до крајот, што беше и последна можност за посериозен камбек во двомечот. „Пелистерци“ успеаја да израмнат на 20-20, но во еуфоријата Обрадовиќ направи погрешна замена и заработи исклучување. Нексе ја искористи оваа предност од играч повеќе, па предводен од голманот Радовановиќ (14 одбрани) стигна до минимален триумф, за вкупни „плус четири“ во овој двомеч и пласман во четвртфиналето.
Мандалиниќ постигна шест, Табоада пет, а Периќ и Мараш почетири погодоци на овој натпревар, додека во таборот на Нексе најефикасен беше Јелиниќ со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА