Еден од најдобрите скијачи во историјата, норвешката легенда Аксел Лунд Свиндал најави дека по алпското светско првенство во Оре следниот месец ја завршува кариерата. Повеќекратниот олимписки медалист кој има 36 години секако е на залезот на кариерата, но своевидно изненадување е изјавата дека трките на Светскиот шампионат ќе му бидат последни. На свеченоста по трките во Кицбил викендов, Свиндал ја објави веста.
„Долго размислував за ова. Се почесто се мачам со некои стари повреди и мислам дека веќе не можам да ги издржам екстремните напори. Не жалам за ништо. Мислам дека имам сила за уште некоја трка во Оре и потоа се одјавувам“ – изјави Свиндал.
Норвешкиот ас во Светскиот куп се натпреварува од 2002 година, се бореше во сите дисциплини со исклучок на слалом. Во 2007 и во 2009 година го освојуваше големиот кристален глобус, а има и шест мали глобуси во супервелеслалом, два во спуст и по еден во велеслалом и во комбинација. Има вкупно 36 победи на трките од светскиот куп, 80 пати се качуваше на победничкиот подиум. Свиндал има четири олимписки медали, осум трофеи од светските првенства.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА