Крај на кошмарните квалификации: Украина е шанса за поправање на впечатокот

Македонската кошаркарска репрезентација денеска со почеток во 18 часот ќе ја пречека Украина, во последниот натпревар од квалификациите за СП 2023. Квалификациски циклус што може да биде опишан со еден збор – КОШМАР, откако нашиот национален тим на петте досегашни средби претрпе пет двоцифрени порази.

Победата на Украина над Грузија во минатото коло само ја запечати нашата судбина, за денешниот дуел да нема никакво натпреварувачко значење. Сепак, пред македонските кошаркари е обврска конечно да заиграат онака како што знаат и да се обидат да стигнат до првиот триумф, со кој би си ја зголемиле самодовербата пред претквалификациите за Евробаскет 2025, чиј почеток е закажан за крајот на месец август.

„Доаѓа последното коло од овие квалификации, ги загубивме сите шанси, но имаме обврска пред домашните навивачи да го дадеме максимумот од себе и сигурно да го подобриме впечатокот од Шпанија со тоа што не можам да им замерам на играчите за борбеноста и на желбата. Eдноставно, имавме сериозен противник на спротивната страна и дека некои работи не може да се носат така лесно на натпреварите. А, тоа можеше да се види најмногу против Шпанија. Едноставно, енергетски не можевме да издржиме со таква репрезентација и самиот квалитет на играчите беше евидентен. Украинците покажаа дека се добра репрезентација, ја совладаа Грузија во полн состав. Го контролираа цел натпревар. Сигурно е дека нè чека тешка задача. На момците им кажав, ако веќе губиме, мора да знаеме зошто губиме, а не тоа да биде без борба и без желба и без жар“, изјави селекторот Драган Бајиќ во пресрет на денешниот натпревар.

Кормиларот на националниот тим се соочува со нови проблеми откако од ионака истенчениот состав отпадна Ефремовски поради болест, а крајно неизвесен е и настапот на Тео Симиќ.

„Виктор Ефремовски по тешкиот пат од Шпанија има вирус и има проблеми, и нема да игра. Имаме проблем и со Симиќ кој исто така има здравствени проблеми. Тоа значи дека ќе имаме уште поголем хендикеп за мечот со Украина, ама ќе се потрудиме да го извлечеме максимумот“, открива Бајиќ.

Се вчитува...