Бруно Акраповиќ не успеа да ја заврши сезоната како шеф на стручниот штаб на Шкендија откако денеска доби отказ од тренерската функција во тетовскиот клуб.
„Црвено-црните“ од Тетово веќе извесно време играа променливо, а чашата со незадоволство беше прелиена по вчерашното реми со Борец, по кое највисоката управа на клубот одржа состанок и се реши за тренерска смена.
„Сакаме да објавиме дека тренерот Акраповиќ повеќе нема да биде предводник на стручниот штаб, откако соработката беше прекината со взаемна согласност. Сметаме дека прекинот на договорот е во најдобар интерес и за двете страни, му благодариме на Акраповиќ за придонесот во изминатиот период и му посакуваме многу среќа во иднина“, објави тетовскиот клуб.
Шкендија моментно се наоѓа на делба на второто место со Академија Пандев со по 48 бода, со огромни 13 бода заостанување зад лидерот Шкупи.
Сериозен кандидат за нов тренер на тетовци најмалку до крајот на сезонава е долгогодишниот македонски репрезентативец, Артим Шаќири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

