Крај на мундијалскиот сон на Нејмар

Шансите Нејмар да го видиме на претстојниот мундијал се сведени на теорија откако Карло Анчелоти реши да не го вклучи искусниот голгетер во списокот на игра за претстојните контролни средби со Франција и со Хрватска што „кариоките“ ќе ги играат во САД кон крајот на овој месец.

Анчелоти покажа подготвеност да му даде шанса на 34-годишниот ветеран, но расположението се промени откако селекторот најави дека ќе присуствува на меч на Сантош, за еден ден подоцна Нејмар „мистериозно да се повреди“. Бразилските медиуми шпекулираа дека воопшто не станува збор за повреда, туку Нејмар е свесен дека се наоѓа во слаба форма, нешто што го потврди и со своето потпросечно издание на последниот дуел против Коринтијанс.

На искусниот стратег воопшто не му се допаднало ваквото однесување на искусниот напаѓач, решавајќи да не го повика за мартовските контроли, по што е речиси сигурно дека Нејмар нема да се најде ниту на финалниот мундијалски список.

За разлика од него, повик за дуелите со Франција и со Хрватска доби Игор Тијаго, напаѓачот што игра во одлична форма во Премиер-лигата во дресот на Брентфорд.

Се вчитува...