Карлос Саинц е победник на трката за ГН на Сингапур, со што асот на Ферари стави крај на неверојатната серија од десет победи на Макс Ферстапен во Формула 1 шампионатот. Актуелниот светски првак имаше катастрофален викенд, трката ја стартуваше од 11. место и не успеа да се вмеша во борбата за највисок пласман, на крајот освојувајќи ја петтата позиција.
Ферстапен по дваесетина круга успеа да стигне до второто место, користејќи го влегувањето на безбедносното возило на патеката. Сепак, тактиката со помалку влегувања во боксот се одрази врз брзината на болидот, па тој наскоро потоа загуби неколку позиции и се оддалечи од борбата за подиумот.
Финишот беше супердраматичен, откако Расел со својот Мерцедес по менувањето на гумите делуваше максимално брзо во последните десетина круга. Тој се приближи веднаш зад водечките Саинц и Ландо Норис, но не успеа да најде начин да ги мине. Крајот заврши катастрофално за Расел, кој во последниот круг излета од патеката и се заби во заштитниот ѕид, препуштајќи му го третото место на тимскиот колега Луис Хамилтон.
Четвртата позиција на денешната трка ја освои Леклер пред Ферстапен, а бодови во Сингапур освоија уште и Гасли, Пијастри, Перез и Магнусен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА