Битката на Чикаго булс за место во плејофот ќе стане уште потешка откако „биковите“ останаа без помошта на својата најголема ѕвезда, Двејн Вејд. Екс-кошаркарот на Мајами настрада при синоќешниот дуел со Мемфис и веднаш стана јасно дека повредата на лакотот не е нималку наивна.
Врз него во текот на денот беа извршени детални лекарски прегледи, за да биде обелоденето дека станува збор за сериозен проблем.
„Прегледите врз Двејн Вејд покажаа фрактура во пределот на лакотот, што ќе значи нешто подолга пауза. Тој сигурно нема да може да настапи до крајот на регуларниот дел од сезоната“ – соопштија од лекарскиот тим на Чикаго булс.
Екипата на Чикаго моментно се наоѓа на десеттата позиција во Источната конференција, со една победа помалку зад Детроит на осмото место, како последно кое носи учество во плејофот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА